Куманово

Повторно врсничко насилство на видеоснимка

13.07.2026 17:09

Повторно врсничко насилство. Овој пат видеоснимка доаѓа од Куманово. Тепано, малтретирано и со телефон снимено малолетно девојче. Институциите тврдат се работи на расчистување на случајот.

Ново видео на врсничко насилство осамна на социјалните мрежи. Две седмици по насилството во скопски Аеродром, нов случај од Куманово ја вознемири јавноста. Нападот за кој се тврди дека настанал пред четири месеци е снимен со телефон. Од видеото се гледа како три девојки на албански но и македонски јазик, се расправаат, тепаат и кубат за коса малолетно девојче. Институциите информираат од утринава се вршат разговори и се работи на случајот.

„Куманово во координација со ОЈО Куманово презема мерки и активности за расчистување на случајот по што соодветно ќе ја известиме јавноста“, информираат од СВР Куманово.

Ова е вторпат месецов да се објават немили сцени на тепани и малтретирани врснички. Истражувањата покажуваат загрижувачки раст на булингот и врсничкото насилство последниве години. Со цел да се спречи насилството во училишните клупи, граѓански организации, здруженија реализираат проекти.

Министерството за образование и наука и комората на психолози започнаа со обука на стручни работници, наставници, да препознаат промени во однесувањето кај младите. Но неопходно е велат да функционира триаголникот ученик, наставник, родител.

Пораката што се упатува е дека децата не се раѓаат насилни, тоа е нешто што го учат од возрасните, првично од дома.

Елена Георгиевска