Американски напади врз Иран, Техеран возврати со ракети
Силите на САД извршија петчасовни напади врз позиции во Иран. Ударите следуваа кратко по објавата на Трамп дека повторно воведуваат поморска блокада на иранските пристаништа и такса од 20 проценти за целиот товар што се испорачува преку Ормускиот теснец. Исламската република возврати со ракети кон Бахреин и два танкера поврзани со Обединетите Арапски Емирати.

Иран ја помина ноќта под американски оган. Крајбрежните одбранбени системи, локации за ракети и беспилотни летала, поморски капацитети, на удар на силите на САД. Нападите следуваа кратко откако претседателот Трамп рече дека повторно воведуваат поморска блокада на иранските пристаништа и такса од 20 проценти за целиот товар што се испорачува преку Ормускиот теснец.
„Ја уништивме нивната војска. Ги удираме многу силно. Имавме договор вчера, или завчера, се беше готово. И потоа веднаш го раскинаа тој договор затоа што открија дека има нешто во договорот што не им се допаѓа. Тие се поинаку поврзани и ние нема да го трпиме тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Исламската република одговори со ракети насочени кон Бахреин и два танкера поврзани со Обединетите Арапски Емирати кои пловеа низ протокот, при што загина еден морнар, а осуммина беа ранети. Емиратите се заканија со одмазда. Од иранското МНР велат дека идејата на американскиот претседател Трамп за наплата на патарини во Ормускиот теснец е исправна, но 20 насто се премногу.
„Кој и да обезбеди безбеден премин на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец треба да биде компензиран за оваа услуга. Иран отсекогаш бил ЧУВАР на теснецот и ќе остане таков засекогаш.“ – Објава на министерот за надворешни работи на Иран – Абас Арагчи.
Новиот генерален секретар на Арапската лига го повика Техеран да ги запре нападите врз заливските земји и да го почитува нивниот суверенитет.
„Почитувањето на суверенитетот на арапските држави останува одлучувачки принцип чие кршење не го прифаќаме. Меѓу најтешките закани денес се очигледните ирански агресии насочени кон безбедноста и суверенитетот на неколку арапски земји. Секоја штета врз безбедноста на една арапска држава е штета врз безбедноста на сите арапски држави“, изјави Набил Фахми – генерален секретар на Арапската лига.
Конфликтот меѓу САД и Иран повторно се разгоре на почетокот на јули по нападите врз комерцијални бродови, по што претседателот Трамп објави дека договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на Пакистан и Катар е завршен.
Маријана Димовска
