Куманово

Кривична одговорност за насилството во Куманово

14.07.2026 16:40

Ја намалиле, претепале и снимале, па и се заканиле да молчи. Насилството на малолетнички од Куманово повторно ја вознемири јавноста. По објавата на видеото, институциите во итна постапка, покренаа кривични пријави против три девојки...

Кривични пријави ќе добијат две малолетнички и една 18-годишна девојка, за случајот со насилството во Куманово. Веќе е утврден идентитетот и лицата ќе одговараат за насилство врз 14-годишно девојче. За настанот кој се случил уште во март, јавноста дозна по видеото кое осамна на социјалните мрежи. На истото се гледа како три девојки, тепаат и кубат за коса девојче. По насилството осомничените и се заканиле да не го пријавува, не зборува за снименото видео, тврдејќи дека во спротивно ќе и се случи нешто полошо. По објавата институциите започнаа постапка.

„Пријавените на 13.03.2026 околу 18:00 часот, повикале 14-годишно девојче да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово. Таму најпрвин ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале, при што целиот настан го снимале со мобилен телефон“, истакна портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска.

Основното јавно обвинителство по обезбедените доказите, за полнолетната осомничена бара Основен суд Куманово да наложи задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со жртвата.

На почетокот месецов јавноста беше вознемирена по објава на немили сцени на тепана и малтретирана малолетничка во скопски Аеродром.

Елена Георгиевска