Блиски Исток

САД извршија напади врз позиции во Иран

14.07.2026 19:00

Силите на САД извршија петчасовни напади врз позиции во Иран. Ударите следуваа кратко по објавата на претседателот Трамп дека повторно воведуваат поморска блокада на иранските пристаништа и такса од 20 проценти за се што се испорачува преку Ормускиот теснец. Исламската Република возврати со ракети кон Бахреин и два танкера поврзани со обединетите арапски емирати.

Иран ја помина ноќта под американски оган. Крајбрежните одбранбени системи, локации за ракети и беспилотни летала, поморски капацитети, на удар на силите на САД. Нападите следуваа кратко откако претседателот Трамп рече дека повторно воведуваат поморска блокада на иранските пристаништа и такса од 20 проценти за целиот товар што се испорачува преку Ормускиот теснец.

„Ја уништивме нивната војска. Ги удираме многу силно. Имавме договор вчера, или завчера, се беше готово. И потоа веднаш го раскинаа тој договор затоа што открија дека има нешто во договорот што не им се допаѓа. Тие се поинаку поврзани и ние нема да го трпиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Исламската република одговори со ракети насочени кон Бахреин и два танкера поврзани со Обединетите Арапски Емирати кои пловеа низ протокот, при што загина еден морнар, а осуммина беа ранети. Емиратите се заканија со одмазда. Од иранското МНР велат дека идејата на американскиот претседател Трамп за наплата на патарини во Ормускиот теснец е исправна, но 20 насто се премногу.

„Кој и да обезбеди безбеден премин на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец треба да биде компензиран за оваа услуга. Иран отсекогаш бил ЧУВАР на теснецот и ќе остане таков ЗАСЕКОГАШ“, објави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.

Новиот генерален секретар на Арапската лига го повика Техеран да ги запре нападите врз заливските земји и да го почитува нивниот суверенитет.

„Почитувањето на суверенитетот на арапските држави останува одлучувачки принцип чие кршење не го прифаќаме. Меѓу најтешките закани денес се очигледните ирански агресии насочени кон безбедноста и суверенитетот на неколку арапски земји. Секоја штета врз безбедноста на една арапска држава е штета врз безбедноста на сите арапски држави“, изјави Набил Фахми, генерален секретар на Арапската лига.

Во исто време, израелски и либански делегации ги продолжија преговорите во амбасадата на САД во Рим.

 

Маријана Димовска