Во сила новите ограничувања за електричните тротинети
Според новите законски одредби, електричен тротинет ќе може да управува само лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години.

Од денеска стапуваат во сила новите правила за управување со електрични тротинети, предвидени со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според новите законски одредби, електричен тротинет ќе може да управува само лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години.
Максималната дозволена брзина останува 20 километри на час на велосипедски патеки и велосипедски ленти, додека на тротоари, пешачки и мешани патеки е ограничена на 6 километри на час. Возачите при преминување на коловоз или пешачки премин, доколку нема велосипедска патека или лента, ќе мора да слезат од тротинетот и да го туркаат до другата страна.
Со измените се воведува и целосна забрана за превезување друго лице на електричен тротинет. За прекршување на ова правило ќе одговараат и возачот и лицето што се превезува.
Задолжително останува носењето заштитен шлем за сите возачи, како и рефлектирачки елек при ноќно возење или во услови на намалена видливост.
