60 % од смртните случаи во Македонија се поради кардиоваскуларни заболувања
Превентивните прегледи можат да ја намалат црната статистика. Кај 7 проценти од граѓаните е откриен шеќер, кај 9 проценти холестерол, а кај 15 проценти покачен притисок. Освен во градовите, прегледи се почесто се организираат и во руралните средини...

За одење на работа, за вршење на секојдневните обврски, скопјанецот Герасим, никогаш не користи автомобил.
„На возраст сум од 62 години, а возам велосипед од 7 години. И ден денеска кога играм фудбал со помлади, тие ме прашуваат од каде ми е силата, неможат да ме натрчаат“, вели Герасим Мирчевски.
На последниот систематски преглед на Гeрасим лекарите му рекле дека има здраво срце. Тој е еден од ретките во Македонија што може да се пофали со таков наод. 60 проценти од смртните случаи во Македонија, се поради кардиоваскуларните заболувања. Од срце и циркулaрани болести најмногу страдаат Скопјани, а најмногу умираат во Вардарскиот регион. Според податоците на институтот за јавно здравје повеќе умираат мажи од жени.
„Сцревите заболувања се на прво место во смртност и во светот и во државава. Според Светската здравствена организација околу 17 милиони граѓани умираат од прерана смрт поради срцеви заболувања“, вели д-р Елена Ќосева од Институтот за јавно здравје.
Превентивните прегледи можат да ја намалат црната статистика. Кај 7 проценти од граѓаните е откриен шеќер, кај 9 проценти холестерол, а кај 15 проценти покачен притисок. Освен во градовите, прегледи се почесто се организираат и во руралните средини.
„Се трудиме да ги промениме лошите навики на луѓето. Да се подигне свеста и грижата за здравјето и да се отстранат колку што е можно повеќе ризик - факторите“, рече д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом Скопје.
Со заеднички акции здравствените ситеми во наредните 10 години имаат цел да ја намалат смртноста за 25 проценти.
Наташа Јанчиќ
