Град Скопје

Речиси целосно пробиена трасата на булeварот „Борис Трајковски“ кон Драчево

14.07.2026 20:51

Со силна динамика продолжуваат градежните работи на довршувањето на булеварот „Борис Трајковски“, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје, кој повеќе од три децении беше симбол на нереализирани ветувања, застој и секојдневни сообраќајни проблеми.

Со силна динамика продолжуваат градежните работи на довршувањето на булеварот „Борис Трајковски“, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје, кој повеќе од три децении беше симбол на нереализирани ветувања, застој и секојдневни сообраќајни проблеми. Работите се одвиваат согласно предвидената динамика, а по нивното завршување, повеќе од 100.000 жители ќе добијат современ и безбеден булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки патеки и велосипедска инфраструктура, што значително ќе ја подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот, соопштија од Град Скопје. 

Во рамките на проектот, трасата е речиси целосно пробиена, додека паралелно се реализира изградба на нова атмосферска канализација, со што трајно ќе се надминат долгогодишните проблеми со одводнувањето во овој дел од градот.

-Реализацијата на овој капитален проект претставува конкретен чекор кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на сообраќајниот метеж и создавање модерна и функционална сообраќајна инфраструктура. По долгогодишно чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно добива решение, со што се исполнува едно од најважните инфраструктурни очекувања на жителите од овој дел на Скопје, се вели соопштението.