Охрид

Поголем број на туристи од Бенелукс

25.09.2014 16:24

Ќе се зголеми бројот на холандски и белгиски туристи на охридското крајбрежје. Оптимизмот се темели на зголемената заинтересираност за купување аранжмани во споменатите земји и до 20 проценти. Од друга страна хотелската асоцијација на Македонија бара од владата проширување на листата на земји каде што туроператорите ќе бидат субвенционирани, со што бројот на странските туристи драстично би се зголемил.

Од крајот на август на туристичкиот пазар во земјите на Бенелукс Туроператорите „Корендон„ и „ТУЈ“ веќе ги продаваат аранжманите за Македонија за наредната година. Оттогаш интензивно пристигнуваат резервации, а продажбата е подобра во споредба со истиот период лани.

„Навистина продажбата на Македонија како туристичка дестинација оваа година оди неочекувано подобро во споредба со минатите години. Процентот бележи нагорна линија за 10 до 20, што значи дека догодина можеме да очекуваме поголем број на туристи од земјите на Бенелукс“, вели Асим Меѓедовиќ, директор на „Фибула Ер Травел“.

Присуството на холандските и белгиските туристи и вон сезоната има позитивно влијание во туризмот. . Се полнат и хотелите и угостителските објекти.

„Во текот на туристичката сезона во нашиот објект постојано доаѓаат холандски туристи и како главно јадење што го обожаваат и претпочитаат се специјалитетите од риба,како што се охридска пастрмка, крап и јагула“, вели Роберт Софронијоски, угостител.

Субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет од државата дава резултати.Затоа  од ХОТАМ бараат проширување на списокот на земји со оние од потесното и поширокото опкружување и од Централна Европа.

„Констатиравме дека треба да прошириме со нова група на земји кои побараа да се воведат субвенции во износ од 45 евра по патник,но со минимален престој од 7 дена. Затоа што досега во оваа ситуација имаме просечен престој на гостите од 2,2 дена во Република Македонија“, рече Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Целта е не само да се зголеми бројот на туристите, туку и просечниот престој. Со тоа ќе се зголеми и просечната потрошувачка во маса од секој турист што ќе дојде, а во истовреме од тоа ќе имаат бенефит и малите бизниси кои гравитираат кон оваа стопанска дејност.

Сашо Нелоски