Ослободителна пресуда за обвинетите во предметот „Талир 2“
Груевски доби ослободителна пресуда во случајот „Талир 2“ за незаконска изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. При изрекување на пресудата, судијката рече дека таа се должи на измените на Кривичниот законик ..

Поранешниот премиер Никола Груевски доби ослободителна пресуда во случајот „Талир 2“ за незаконска изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. При изрекување на пресудата, судијката рече дека таа се должи на измените на Кривичниот законик но и на фактот дека во рамки на процесот обвинителството не ја докажало вината на екс-премиерот.
Случајот циркулираше 6 години низ судските лавиринти, а предметот своевремено го отвори поранешното СЈО. Сепак, на оваа неправосилна пресуда, Обвинителството има право на жалба. Дали предметот ќе добие правосилна пресуда зависи од апелацискиот суд дали ќе успее во рок од еден месец да го заврши бидејќи во август настапува застарување.
Во април годинава предметот „Талир 2“ го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од Основното јавно обвинителство скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска поднесе оставка.
Апелациониот суд скопје во јануари 2024 година ја укина првостепената пресуда за „Талир 2“ поради измените на Кривичниот законик што се однесуваат на член 353. Во меѓувреме, настапи застареност за делото што му се ставаше на товар на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, додека постапката продолжи за Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
На 7 јуни 2022 година Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека Кирил Божиновски доби условна казна.
Ана Јосифоска
