Растат тензиите
САД одново воведа блокади на иранските пристаништа, Техеран изврши напади врз американски бази во Бахреин, Кувајт и Јордан...

Растат тензиите меѓу Иран и САД – Техеран објави дека извршил напади врз американски воени цели во Кувајт, Бахреин и Јордан. Иранската револуционерна гарда соопшти дека акцијата е одговор на американските воздушни напади врз Иран и повторното воведување блокада на иранските пристаништа. Трамп се закани дека ќе ги нападне мостовите и електраните на Иран следната недела ако не се вратат на разговорите.
„Ќе ги зачувам енергетските цели за на крај, но на крајот ќе ги погодиме. Ќе ги погодиме многу силно вечерва. Ќе ги погодиме многу силно утревечер, следната вечер, а потоа следната недела ќе стане навистина лошо за нив затоа што доаѓаат на ред електраните, мостовите. Ќе ги срушиме сите нивни електрани. Ќе ги срушиме сите нивни мостови освен ако неседнат на маса и не преговараат“, изјави Доналд Трамп -претседател на САД.
Шефот на Белата Куќа претходно ја поништи заканата за такса од 20 насто за целиот товар низ протокот и истакна дека сојузниците од Персискиот Залив побарале наместо патарини да има трговски договори. Од Иранското МНР велат дека САД се обидуваат да го спречат Техеран да оствари ефективен суверенитет над Ормускиот теснец. Претседателот на Исламската република ја осуди острата реторика на Трамп.
„Луѓето кои сакаа да го претворат Иран во парчиња, што постигнаа? Ние одговараме со акција и го заштитуваме она во што веруваме, секој сантиметар од нашата почва. Грубиот јазик што го користат е достоен за нив самите, а не за нас“, изјави Масуд Пезешкијан – претседател на Иран.
Војната меѓу САД и Иран одново се разгоре на почетокот од месецов откако Техеран нападна комерцијални бродови во Ормускиот теснец, а Трамп објави дека примирјето постигнато со посредство на Пакистан и Катар е завршено.
Маријана Димовска
