Со нов асфалтен пат до побрз развој на локалната економија во Тиквешијата

25.09.2014 16:37

Три километарскиот асфалтен пат кој поврза две села во Тиквешијата, не само што го скратува за 11 километри патувањето од Неготино до Росоман, туку овозможува побрз развој на локалната економија...

2014 е година на изградба на патишта во Македонија. За прв пат се случува истовремено градба на три автопатските  делници,  Скопје- Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица. Во 2018 година, кога е  предвидено градежните работи да бидат завршени, државата ќе добие 132 километра нова патна мрежа. Паралелно со изградбата и рехабилитацијата на автопатската инфраструктура во Македонија се градат и рехабилитираат, локални и регионални патишта.

„Во фаза е постапка за избор на компанија за изградба и рехабилитација на педесетина локлани патишта на територијата на Република Македонија“, рече Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.

Модернизацијата на локалната инфраструктура особено е важна во регионите каде што земјоделието е основна дејност. Три километарскиот асфалтен пат кој поврза две села во Тиквешијата, не само што го скратува за 11 километри патувањето од Неготино до Росоман, туку овозможува побрз развој на локалната економија.

„Со донесување на електрична енергија на оваа локација и сега со изградба на овој пат да овозможиме поголема атрактивност и да ги заинтересираме сите инвеститори кои сакаат да вложат на ова прекрасно место“, рече Стојанчо Лазов , градоначалник на општина Росоман.

Од ресорното министерство напоменуваат дека темпото на градежни работи на сите започнати локации засега се одвива според планираното.Она што оди во прилог на подобрување на патната инфраструктура е изградбата на неколкуте експерсни патишта, особено во источна Македонија.

Во последните  седум години во Македонија се рехабилитирани и изградени илјада километри јавни патишта. До 2018 година во модернизација на патната инфраструктура Владата планира да инвестира над милијарда евра.

Дијана Иванова