ОЈО

Обвинителството поднесе обвинителен предлог против поранешен директор на СОЗР

15.07.2026 16:28

По спроведена истрага, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против поранешен директор на владината Служба за општи и заеднички работи за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1, како и Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик...

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи се товари дека во период од 2021-2024 за себе и за повеќемина вработени во СОЗР потпишувал решенија и патни налози за патување. За приватни потреби. Од Јавното обвинителство посочуваат дека без да постои основ го користел и владиниот авион

„Без да постои основ го користел владиниот авион лирџет 60, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Освен тоа, за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано користел средства од службената картичка издадена на негово име. На тој начин го оштетил буџетот на СОЗР за значителен вкупен износ од 2.562.139 денари“, соопштија од Обвинителството.

Ексдиректорот иако бил информиран дека пилотот нема да ги исполни прифатливите стандарди за летање со лирџет 60, сепак не го задолжил да ги надомести трошоците за обуката и не известил да му биде прекинат работниот однос. Пилотот продолжил да зема плата како капетан-водач, со што била предизвикана штета на буџетот од 5.431.624 денари.

Тој се товари и за фалсификување службена исправа при јавни набавки за изнајмување возила за транспорт на делегации и цивили од исламската република Авганистан во земјава. Сите договори биле склучени со иста рент-а-кар фирма од Скопје,

„Почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство“, стои во соопштението од Обвинителството.

Против сопственикот на правното лице за кривично дело – давање поткуп јавниот обвинител не утврдил дека е со умисла да издејствува поволност па ја запрел истражната постапка.

 

Фиљана Кока