Иванов: Да се почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата за Македонија
Грчката политика е причината за нестабилноста на Балканот, посочи Иванов, бидејќи го блокира приемот на Македонија во НАТО и во Европската унија...

Советот за безбедност да ги почитува сопствените донесени резолуции и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, побара претседателот Ѓорге Иванов во своето прво обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации. Грчката политика е причината за нестабилноста на Балканот, посочи Иванов, бидејќи го блокира приемот на Македонија во НАТО и во Европската унија. Во случајот на Македонија најпрво проблем беше името, а сега и идентитетот.
„Овој Совет може и мора да придонесе кон мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. Апелирам и очекувам Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на неговите резолуции. Очекувам судот за безбедност да се ангажира во насока на почитување на Меѓународниот суд на правдата за случајот Македонија“, рече претседателот Иванов во обраќањето.
На седницата посветена на заканата од странските борци коишто се побарат на страната на Исламската држава, Иванов го информираше Советот за безбедност дека и Балканот станува база за регрутација на џихадисти коишто се закануваат да формираат балкански калифат. Земјите од Западниот Балкан без евроатланска интеграција се ранливи, предупреди Иванов.
„Со загриженост морам да констатирам дека Балканот веќе стнаува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Засега Балканот не е база за операции за меѓународни терористички мрежи, но треба да ни биде јасно дека ова не е привремена, туку постојана закана за која мора да се подготвиме. Не смееме да ги исклучиме како невозможни болните сценарија и вербалните закани од странските борци за создавање на таканаречен балкански калифат“, потенцира Иванов.
Советот за безбедност со која претседаваше американскиот претседател Барак Обама, едногласно донесе резолуција за спречување на регрутација и поддршка на странските борци терористи.
„Само резолуцијата нема да биде доволна. Ветувања на хартија не можат да не чуваат безбедни. Реторика и добри намери нема да спречат ниту еден терористички напад. Зборовите искажани денеска овде треба да бидат соодветно спроведени со акции и дела“, нагласи Обама.
Генералниот секретар на обединетите нации Бан Ки-Мун посочи дека борбата против ИДИЛ нема никаква врска со Исламот, а таканаречената Исламска држава не е држава.
Македонија предложи три мерки. Прво Грција да престане да се спротиставува на нашиот прием во НАТО, Европската унија да продолжи со проширувањето и да се формира Центар за размена на разузнавачки информации за борба против терористите.
Ирина Гелевска
