Утре седница на ЕСС, власта вели дека ќе се преземат мерки ако се утврди неосновано зголемување на маржите
Утре ќе се одржи седница на Економско – социјалниот совет, по што владината кошничка и официјално треба да почне да се применува како одговор на синдикалната, за која надлежните оценија дека содржи и луксузни производи. Од оваа кошничка ќе се црпат податоци за спроведување на политиките за заштита на животниот стандард на граѓаните.

Просечната потрошувачка кошничка е веќе изработена и ќе се најде на маса пред Економско-социјалниот совет. Се усогласуваат податоците со Државниот завод за статистика. Ова го изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, по работниот состанок во Стопанската комора.
Од Владата велат дека останува уште да се усогласат финеси и од септември да почне со примена. Рекоа дека просечната потрошувачка кошничка не е пандан на минималната.
Претходно, стопанствениците одржаа работен состанок за Оперативниот план за вработување за 2026. Бизнис-секторот ја поздравува државната поддршка за отворање нови работни места, но предупредува дека компаниите се соочуваат со проблем – недостиг на соодветен кадар.
И додека бизнисот бара работници, во моментов има 100 илјади невработени.
До петок ќе трае пријавувањето за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ од оперативниот план за вработување. Мерката ќе опфати 1.385 активни баратели на работа, а предвидува поддршка од 5,4 милиони евра.
Борис Грујоски
