Изборниот законик

Партиите не најдоа заеднички јазик за Изборниот законик

15.07.2026 17:34

Повиците од Брисел не помогнаа, партиите не најдоа заеднички јазик за Изборниот законик до истекот на крајниот рок. Поради неисполнетиот последен чекор од реформската агенда во грејс-периодот, земјава остана покуса за над четири милиони евра. Власта ја обвини опозицијата за неодговорност, СДСМ и Левица разменуваат остри пораки за тоа, кој имал договор со Мицкоски.

Премиерот Мицкоски не е оптимист за носењето на Изборниот законик, рокот истекува на полноќ. Вели, имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Повтори дека владејачката коалиција понудила опција, опозицијата да договори предлог – измени, а власта да ги поддржи, со единствен услов – дијаспората да може да гласа електронски.

„Ги повикувам на зрелост, на одговорност и претседателот на ДУИ, на СДСМ, на Левица, крилата на Села и Таравари, како опозициски партии да седнат заедно и да се договорат. Тогаш, кога тие ќе кажат дека е завршено, ние ќе го прифатиме без воопшто да полемизираме на таа тема. Не знам што друго поконкретно ние како влада може да направиме“, изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека законските измени не се дел од реформската агенда. Вели, овие тврдења се демантирани од највисоките европски претставници. Според премиерот, опозицијата свесно ги кочи процесите, но порача, стратешкиот пат кон ЕУ нема да запре.

СДСМ обвини дека Левица има јавен договор со Мицкоски. Ја штити власта и го спречува секој обид за опозициско обединување, велат од Бихаќка.

„Левица е создадена и финансирана за да ја разбие опозицијата, да ја напаѓа СДСМ и да му обезбеди на Мицкоски дополнителен глас во Собранието кога му е потребен. Кога ВМРО-окг нема одговори за реформите и за европскиот пат, Левица излегува со лажни обвинувања за да го одбрани режимот. Левица не е опозиција. Таа е продолжена рака на Мицкоски“, велат од СДСМ.

Левица со контра обвинување. Поради договор со премиерот Мицкоски, СДСМ не дозволиле опозициско обединување за една изборна единица.

„СДСМ останаа цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за изборниот законик да остане недопрен-како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок за овој модел да преживее, бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица“, велат од Левица.

Губиме време и пари за граѓаните – велат од ЛДП. Побараа партиите да покажат одговорност и да направат национален план за патот кон ЕУ.

Изборниот законик е блокиран со речиси 14 илјади амандмани од СДСМ и Левица. Без консензус државата ризикува да изгуби 4,2 милиони евра финансиска поддршка од Европската унија.

Андријана Ѓурческа