Родителите против најавениот штрајк на СОНК: Децата ќе одат на училиште, не сакаме да плаќаме казни!
Повикот на претседателот на СОНК в понеделник да нема настава, наиде на отпор кај родители. Велат дека немаат намера да плаќаат казни заради нечии интереси, пред се на раководството на СОНК...

Повикот за штрајк од СОНК може да влијае на семејниот буџет. Ако не ги пуштат родителите в понеделник децата на училиште може да се соочат со казни. Министерот за образование, Адеми вели дека е изненаден од повикот на СОНК, поради штрајкот да нема настава.
Првиот човек на државниот просветен инспекторат вели дека основното и средното образование е задолжително и поради тоа родителите кои нема да ги пуштат децата на настава ќе бидат казнети.
„За непосетување на наставата законите се децидни и предвидуваат глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска против вредност за родителот, односно старателот кој што ќе го оневозможи наставниот процес за своето дете. Би сакала да апелирам до сите родители да не подлегнуваат на манипулативни изјави за прекин на воспитно образовниот процес и да не ги инволвираат своите ученици за политички цели“, изјави Надица Николоска, директор на Државниот просветен испекторат.
Повикот на претседателот на СОНК в понеделник да нема настава, наиде на отпор кај родители. Велат дека немаат намера да плаќаат казни заради нечии интереси, пред се на раководството на СОНК.
„Децата не се виновни и тие да сносат некакви последици, не е коректно децата да не одат на настава бидејќи тие имаат обврски, ќе им се натрупа наставата и ќе имаат многу обврски, а никој нема да дојде да не праша како се справуваме со тоа“, рече Габриела Димитровска – Станковска – родител.
„Не би сакале повторно нашите деца да бидат заложници на некои меѓусебни интереси, се надевам дека Синдикатот и Владата ќе најдат заеднички јазик да го решат тоа во институциите, но не на штета на децат“, смета Зоран Јакимовски - родител.
„Ќе го пуштиме во училиште да оди. Штрајкот не го поддржуваме“, вели Маја Поповска – родител.
Против штрајкот на СОНК денеска се огласи и регионалниот огранок од Прилеп.
„Од 34 синдикални организации на Регионалниот одбор на СОНК Прилеп, којшто ги покрива Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани сите едногласно се изјаснија дека се против одлуката за генерален штрајк“, изјави Ванчо Спиркоски – претседател на регионален одбор на СОНК – Прилеп.
Претходно, централата во Скопје не доби поддршка ниту од синдикалните организации од Штип, Велес, Охрид, Другово и Битола. Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели ако до недела надлежните ги викнат на преговори, штрајкот ќе биде ставен во мирување.
Наташа Гркова-Петрушевска
