епилог

Сопружници осомничени за убиството на д-р Ацо Трповски во Автокоманда, расчистен мистериозниот случај од пред повеќе од две години

15.07.2026 17:00

По повеќе од две години мистерија, конечно расчистено убиството на матичниот лекар, Ацо Трповски, кој беше пронајден мртов во неговиот автомобил на паркингот кај поликлиниката Железара. Осомничен е брачен пар. Мажот бил тој што му нанел девет убоди со нож, а сопругата ги прикривала трагите. Обвинителството и полицијата ги соопштија деталите...

Сопружници се осомничени за убиството на лекарот Ацо Трповски од Скопје кое пред две години ја вознемири јавноста, информираше Обвинителството. Оттаму ја раскажаа верзијата на настанот – прво, 59-годишната жена се договорила со жртвата да се најдат на паркингот во скопската населба Автокоманда, влегла во автомобилот на лекарот, по што пристигнал 65-годишниот сопруг. По вербалната расправа, осомничениот го извлекол Трповски од возилото и деветпати го прободел со нож. Потоа, тој со помош на неговата сопруга го ставиле телото во автомобилот, го однеле до паркингот во Железара, го ставиле на возачкото место, а осомничената ги избришала трагите. Таа е осомничена за соучесништво, а нејзиниот сопруг за убиство.
 
Мотивот ќе се истражува дополнително. Обвинителството не открива дали двојката го признала делото.
 
Пред две години поточно во март 2024 година, на паркингот пред поликлиниката Железара беше пронајдено телото на убиениот лекар Ацо Трповски.
 
Наташа Јанчиќ Менковски