САД со нови напади врз Иран
Американската војска изврши нови напади врз Иран, насочени кон воени цели во близина на Ормускиот теснец. Техеран соопшти дека нападнале американски воени цели во Бахреин и во Кувајт.

Нов бран напади врз Иран, откако претседателот Трамп го предупреди Техеран „подобро да се однесува“. Американската војска вели дека цел на напади биле иранските воени капацитети што се користат за напади врз трговски бродови во Ормускиот теснец.
„Навистина добро се справуваме со Иран. Иран е незадоволен во моментов. Не им се допаѓа она што го правиме. И тие навистина сакаат да се спогодиме. Ќе откриеме дали ќе се спогодиме со нив или едноставно ќе завршиме“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека нападнал американски воени цели во регионот, вклучително и во Бахреин и Кувајт. Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач, изјави дека војската на земјата има целосна слобода да „преземе акција“ против американската агресија.
„Меморандумот за разбирање има значење само додека неговите одредби остануваат важечки и се спроведуваат. Во спротивно, ако не сакаме да имаме корист од договорот, тогаш, според политиката „око за око“ што претходно ја наведов, ниту ние немаме причина да останеме посветени на него“, изјави Мохамад Багер Калибаф – претседател на иранскиот парламент.
Обединетите нации соопштија дека се „длабоко загрижени“ од континуираната воена ескалација во регионот на Блискиот Исток.
„Генералниот секретар го повторува својот повик за целосно враќање на меѓународните права за навигација и слободата на навигација во и околу Ормускиот теснец, остварувањето на правата и слободите за навигација мора да се почитува од сите страни во согласност со меѓународното право“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на генералниот секретар на ОН.
Деновите на меѓусебни напади од страна на сад и Иран низ Блискиот Исток – и обновените закани за водниот пат кој е клучен за глобалното снабдување со енергија – го уништија привремениот договор за ставање крај на конфликтот, а регионот би можел повторно да се втурне во тотална војна.
Катерина Бојаџиева
