Охрид

УНЕСКО повторно предложи Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност

16.07.2026 18:13

Напредокот е недоволен, а заканите за Охридскиот Регион и натаму се сериозни. Во најновиот извештај, УНЕСКО повторно предлага регионот да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Иако се нотирани одредени позитивни чекори, Комитетот оценува дека клучните препораки од претходните мисии и одлуки сè уште не се спроведени. Затоа од Северна Македонија и Албанија се бара да подготват заеднички план со конкретни корективни мерки...

На само неколку дена пред почетокот на 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, повторно се предлага Охридскиот Регион, да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.

Во најновиот извештај се наведува дека, иако двете држави презеле одредени активности, сепак е забележан ограничен напредок. Според Центарот за светско наследство, голем дел од препораките од реактивните мониторинг мисии и претходните одлуки на Комитетот сè уште не се целосно спроведени.

„Да се спроведат корективните мерки за зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион. Да се запрат нелегалната градба, урбанизациските притисоци и деградацијата на природното и културното наследство“, стои во Нацрт-одлуката.

Во документот, од земјава и од соседна Албанија се бара да изготват заеднички акциски план со јасно дефинирани мерки и рокови за нивна реализација. Научната фела смета дека со години недостигаат одлучни мерки за заштита.

„Сметам дека тапкаме во место, затоа што постојано го повторуваме истото и постојано се доведуваме во опасност Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.Значи, ова не е од вчера. Ова се случува 10, 15, 20, 30 години наназад и мислам дека сè уште стоиме во место, и покрај добрата волја. Јас верувам дека постои волја да се решат проблемите, дека ние свесно не го запоставуваме езерото, меѓутоа не сме доволно фокусирани, вели Орхидеја Тасеска директор на Хидробиолошкиот Институт Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, не сакаше да го коментира Нацрт-извештајот. Вели од 2019 година наваму сите извештаи се со слична содржина, својот став ќе го соопшти по одлуката.

Конечниот збор ќе го има Комитетот за светско наследство на 48. сесија, која од 19 до 29 јули ќе се одржи во Бусан, Кореја.

Соња Рилковска