Падна предметот против Латас, обвинителот се откажа од обвинението за „Тотал“
Падна случајот „Тотал“ против Драган Павловиќ – Латас. Кривичниот суд денеска соопшти дека обвинителот се откажал од гонење на Латас, како физичко лице и на три правни лица за кривичното дело „даночно затајување“. Пресудата е веќе правосилна. Станува збор за случај што беше отворен од поранешното Специјално обвинителство.

Падна „Тотал“, предметот против Драган Павловиќ – Латас за даночно затајување во периодот од 2008 до 2015 година, преку фирмите „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“. Случајот го водеше обвинителката на СЈО, Елизабета Јосифовска, а го презема обвинителката Марија Џабирова – Велков.
Кривичниот суд потврди дека на 27-ми мај годинава е донесена пресуда, откако обвинителот се откажал целосно од обвинителниот акт.
„Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите“, стои во соопштението на Кривичниот суд Скопје.
Според Кривичен, обвинителот поради наводите во вештиот наодот и мислењето на вештите лица, најпрвин го изменил обвинителниот акт, па утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – даночно затајување,
„За едно правно лице и за обвинетиот Д.П. – Л. Во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно законските одредби и ја донел наведената пресуда“, велат од судот.
Пресудата од 25-ти јуни годинава е правосилна и веќе се изготвени решенија за трошоци на странките, а штом истата ќе биде анонимизирана истата ќе биде објавена на веб-страницата на судот, информираат од судот. Судската постапка за овој предмет почна да се води во октомври 2017 година.
Фиљана Кока
