Вашингтон го зголемува притисокот врз Техеран за враќање на Иран на преговарачка маса
Вашингтон го зголемува притисокот врз Техеран за враќање на Иран на преговарачка маса. По заканата од Трамп, Американците извршија нови напади врз земјата. Но, ниту Иран не остана покус – удри по американските бази во Бахреин, Кувајт и Јордан. Техеран дециден – нема да дозволиме САД да се мешаат во Ормускиот теснец. Засега, нема сигнали дека двете страни ќе го продолжат дијалогот за постигнување мировен договор...

Техеран почна нови напади врз американските воени бази во соседните земји од персискиот залив, додека Вашингтон продолжи да напаѓа локации низ Иран во текот на ноќта. Од иранската врховна воена команда оценија дека-евентуално американско преземање контрола или ограничување на пристапот до Ормускиот теснец претставува „Црвена линија“ за нив.
„Криминалната Америка продолжува со својата агресија и дестабилизација на регионот. Прво, се потврдува дека под никакви околности и на никаков начин нема да и биде дозволено на Америка да се меша во Ормускиот теснец. Доколку се спроведат неодамнешните закани на празноглавиот американски претседател дека ќе ја таргетира инфраструктурата на исламски Иран, она што доаѓа од вооружените сили на Иран ќе биде супериорен удар. Удари што ќе бидат потешки, пораспространети и поразорни од кога било досега“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на централниот штаб „Хатам ал-Анбија“.
„Меморандумот за разбирање има значење само додека неговите одредби остануваат важечки и се спроведуваат. Во спротивно, ако не сакаме да имаме корист од договорот, тогаш, според политиката „око за око“ што претходно ја наведов, ниту ние немаме причина да останеме посветени на него“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на иранскиот парламент.
Новите закани доаѓаат откако американскиот претседател Трамп го предупреди Иран дека „подобро треба да се однесува“ или ќе се соочи со понатамошни воени дејствија доколку не се врати на преговорите.
„Навистина добро се справуваме со Иран. Иран е незадоволен во моментов. Не им се допаѓа она што го правиме. И тие навистина сакаат да се спогодиме. Ќе откриеме дали ќе се спогодиме со нив или едноставно ќе завршиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Пакистан ги повика страните да покажат максимална воздржаност од дејствија што би можеле дополнително да го поткопаат регионалниот мир и стабилност.
„Меморандумот за разбирање од Исламабад останува трајна рамка за промовирање на мирот, меѓусебното почитување и заедничкиот просперитет. Изразуваме надеж за брзо нормализирање на ситуацијата во Ормускиот теснец и ја нагласуваме важноста од обезбедување континуирана безбедност, сигурност и слобода на поморската пловидба во услови на преовладувачка тензија и непријателства“, изјави Тахир Андраби, портпарол на министерството за надворешни работи на Пакистан.
Обединетите нации соопштија дека се „длабоко загрижени“ од континуираната воена ескалација во регионот на блискиот исток.
„Генералниот секретар го повторува својот повик за целосно враќање на меѓународните права за навигација и слободата на навигација во и околу Ормускиот теснец, остварувањето на правата и слободите за навигација мора да се почитува од сите страни во согласност со меѓународното право“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Меѓусебните напади и обновените закани за водниот пат кој е клучен за глобалното снабдување со енергија, го уништија привремениот договор за ставање крај на конфликтот.
Катерина Бојаџиева
