Предлог - законот за правична застапеност, причина за тензии во законодавниот дом
Забелешки и паузи да се смират страстите. Предлог – законот за правична застапеност, причина за тензии во законодавниот дом.

Во Собранието повторно тензично. Овојпат причина Предлог-законот за соодветна и правична застапеност. Процедурални забелешки и паузи, за да се смират страстите. Седницата ја водеше потпретседателката Весна Бендевска, поради отсуство на претседателот Гаши, ги извести пратениците дека терминот за гласање по Предлог-законот дополнително ќе биде утврден. Следуваше бурна реакција од албанската опозиција. Побараа да се гласа.
Безуспешни беа обидите на потпретседателката Бендевска да ги увери пратениците дека нема затскриени игри и дека собранискиот Деловник дава можност за дополнително утврдување време за гласање за одреден закон.
Предлог-законот за правична застапеност го помина комисискиот филтер. На Комитетот за односи меѓу заедниците, беше изгласано законот да се носи со мал Бадентер, односно со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците на немнозинските заедници. Целта е применлива правна рамка за соодветната и правична застапеност на граѓаните од сите заедници во органите на државната власт и јавните институции.
Андријана Ѓурческа
