Додека се чекаше одлука за оспорените одредби од Изборниот законик, Уставен остана без судија
По една недела, оспорените одредби од Изборниот законик повторно на одлучување пред Уставниот суд. Поплаките се однесуваат на достапноста на медиумскиот простор и распределбата на парите за платено политичко рекламирање. Станува збор за партиски иницијативи поднесени до судот.

Во Уставниот суд изостана гласањето за уставноста на Изборниот законик во однос на финансирањето и медиумската застапеност на партиите. Причина е неприсуство на седницата на судијата Гоце Наумовски кој во меѓувреме поднел оставка на функцијата.
По низа барања на телефон и немање одговор од другата страна, спикерот Гаши го информирал претседателот на Уставен Костадиновски, дека во Собранието е доставена оставка на еден од судиите. Наумовски од Уставниот суд се повлекува само шест месеци по неговиот избор за судија.
„Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија, од лични и професионални причини“, стои во соопштението од Гоце Наумовски.
Поради ова и имајќи пред вид дека на минатото гласање резултатот беше нерешен 4:4, уставните судии воопшто не гласаа по претставката за Изборниот законик. Во неа подносителите наведуваат дека оспорените одредби промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање.
Се дава повеќе медиумски простор и пари за рекламирање на големите партии, додека помалите немаат еднаков пристап до јавноста.
Миле А. Ристески
