Затаени 750.000 евра данок: Вработен во сметководствено биро- мајстор за измама

25.09.2014 17:16

Тој на 7 фирми од 2008-та до 2013-та до Управата за јавни приходи прикажувал фалсификувани податоци за влезниот промет, со што го оштетил државниот буџет...

Четири лица се уапсени затоа што преку финансиски малверзации, неоснован поврат на ДДВ се стекнале со имотна корист од над 750.000 евра. За оваа сума го оштетиле буџетот на државата. Прво осомничениот скопјанец е на 54 годишна возраст, работел  како сметководител во фирмата Мак Консалтинг во сопственост на неговата сопруга. 

Тој на 7 фирми од 2008-та до 2013-та до Управата за јавни приходи прикажувал фалсификувани податоци за влезниот промет, со што го оштетил државниот буџет.

Дел од фирмите биле негови, но на дел од фирмите им бил сметководител и повратот на ДДВ го правел без знаење на сопствениците.

Останатите тројца се уапсени бидејќи го потикнале да изврши серија кривични дела  од фалсификување и уништување деловни книги, до измама,  и помагање во кривично дело.

Првоосомничениот дел од фирмите ги префрлил во Бугарија и назначил лице за да ги подига парите, за кое подоцна се утврдило преку Интерпол дека такво лице не постои, а бугарскиот пасош бил фалсификат.

750-те илјади евра осомничените ги користеле за лично богатење, купувале куќи  и автомобили. Постои и 5-то осомничен по кого полицијата сеуште трага.

 

Миле А. Ристески