Античкиот грчки „Мит за Амазонките“ вечерва на „Охридско лето“
Претставата е инспирирана од античкиот грчки мит за Амазонките – митска заедница на жени воини, познати по својата храброст, борбени вештини и рамноправноста со мажите во битките...

Програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетскиот перформанс „Митот за Амазонките“, кој ќе го изведе театарската и балетска компанија „АРТ денс“ од Грција.
Претставата е инспирирана од античкиот грчки мит за Амазонките – митска заедница на жени воини, познати по својата храброст, борбени вештини и рамноправноста со мажите во битките.
Танцовиот перформанс ги обработува двата најпознати мита поврзани со Амазонките – приказната за златниот ремен кој Херкулес требало да го освои и легендарната борба меѓу кралицата Пентесилеја и Ахил.
Режисер, кореограф и уметнички директор на претставата е Артемис Игнатиу, познат и како уметнички директор на церемонијата на палење и предавање на Олимпискиот пламен.
Балетската компанија „АРТ денс“ има богато меѓународно искуство и настапувала на бројни фестивали и сцени во Грција, Европа и Азија. Компанијата ја претставувала Грција на значајни културни настани, меѓу кои Танцов фестивал во Лимасол и Културната олимпијада во Кина.
„Митот за Амазонките“ премиерно бил изведен во 2013 година во Грција, а потоа гостувал на повеќе меѓународни фестивали, меѓу кои и во Тунис, Кина и Албанија.
Балетскиот перформанс ќе биде изведен на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
