Свет

Трамп ја обвини Кина за мешање во американските избори

17.07.2026 11:35

Обвинувања за кинеско мешање во американските избори повторно ја разгореа политичката дебата во САД. Доналд Трамп тврди дека Пекинг украл податоци за милиони гласачи и се обидел да влијае врз изборите во 2020 година, додека Кина ги отфрла обвинувањата, а демократите оценуваат дека станува збор за ширење теории на заговор.

Кратко пред претстојните конгресни избори, американскиот претседател ја обвини Кина за кражба на изборни податоци и обид за влијание врз изборите во САД во 2020 година. Во обраќање до нацијата Трамп изјави дека Пекинг го извршил „веројатно најголемиот грабеж на изборни податоци во историјата“. Како наводен доказ ги посочи документите на американските разузнавачки служби кои треба да бидат објавени.

„Кина извршила најголемо компромитирање на изборни податоци во историјата, што резултирало со нелегално стекнување од страна на кина на 220 милиони досиеја на гласачи во сад. Кинеската влада сакаше јас да ги изгубам изборите, а причината е затоа што знаеја дека сум мудар, им наплатив милијарди и милијарди долари царини и изградив најсилна војска насекаде во светот. Имаме најсилна војска насекаде во светот. Нашата цел со откривањето на овие информации не е да ја ослабнеме довербата во изборите, туку да ја заработиме таа доверба“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Портпаролот на кинеската амбасада во САД ги демантираше обвинувањата. Вели, Кина „никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во претседателските избори во САД“. Според демократите во Претставничкиот дом, Трамп е „оној што ги разгорува пламенот на теориите на заговор“, наместо да биде фокусиран на подобрување на животот на американскиот народ.

„Нешто навистина не е во ред со овој човек. Зошто продолжува да се фокусира на теорија на заговор поврзана со претседателските избори во 2020 година за кои секој рационален човек во сад знае дека ги изгубил? И сепак, наместо да се фокусира на намалување на високите трошоци за живот во економија, Доналд Трамп продолжува да шири теории на заговор за избори. Ние сме посветени на тоа да обезбедиме слободни и фер избори. Трамп и републиканците знаат дека не можат да ги добијат овие избори фер. И нема да дозволиме да ги украдат“, изјави пратеник Хаким Џефрис, лидер на демократите во Претставничкиот дом.

Во меѓувреме, Трамп на челните позиции во разузнавачкиот сектор постави лица кои ги поддржуваат неговите повеќепати оспорени тврдења дека изборите биле предмет на влијание и манипулации. Според анкетите на јавното мислење, Републиканската партија на Трамп се соочува со ризик од пораз на претстојните избори за американскиот Конгрес.

Катерина Бојаџиева