Култура

„Звуците на Големата Степа“ и „Сина сенка“ вечер на Скопско лето

17.07.2026 12:28

Паркот на Франкофонија и Едукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе бидат локации каде што ќе се одржат два културни настана што на публиката ќе ѝ понудат музичко-сценско и театарско доживување...

Паркот на Франкофонија и Едукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе бидат локации каде што ќе се одржат два културни настана што на публиката ќе ѝ понудат музичко-сценско и театарско доживување.

Во организација и соработка со Амбасадата на Казахстан, во 20:30 часот во Паркот на Франкофонија ќе се одржи вечер на традиционална музика и танц од Казахстан насловена „Звуците на Големата Степа“.

На настанот ќе настапат етно-групата „Tarlans“ и кореографскиот ансамбл „Ayala“, кои преку традиционални казахстански инструменти, современи етно-аранжмани и кореографии инспирирани од духот на Големата Степа ќе го претстават богатото културно наследство на Казахстан. Организаторите најавуваат вечер што ќе ги спои музиката, танцот и традицијата и ќе ја доближи казахстанската култура до македонската публика. Влезот е слободен.

Во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во 20:30 ќе биде изведена театарската претстава „Сина сенка“ на Независниот театар „Златен елец“, во режија на Тамара Стојановска.