Украина

Во Киев протести по смената на министерот за одбрана и реконструкцијата на Владата

17.07.2026 19:40

Додека украинскиот фронт гори, претседателот Зеленски се соочува нов предизвик. Одлуката за смена на министер за одбрана Федоров, омилен меѓу Украинците по воведувањето иновативна технологија кај беспилотните летала, предизвика масовни протести во Киев. Ќе бидат ли промените во врховната рада, тест за авторитетот на Зеленски?

По четиригодишната војна, дипломатската офанзива за окончување на конфликтот со Русија, но и борбата за обезбедување поголема финансиска и воена поддршка од сојузниците – за украинскиот претседател Зеленски се отвора нов фронт. Овојпат тој е во судир со врвот на украинската армија. Разрешувањето на министерот за одбрана Михаило Федоров, предизвика бран незадоволства и несогласувања во Армијата. Со остри критики и обвинувања во јавноста се соочија Зеленски и врховниот командат Сирски. Тресокот во воената влада предизвика масовните протести. Украинците излегоа на улиците во Киев за поддршка на разрешениот министер Федоров кој важи за иноватор на успешната технологија со беспилотни летала, а кој беше трн во око за традиционалниот воен естаблишмент.

„Федоров е најдобриот кандидат, беше и останува. Тој беше на оваа позиција само шест месеци, што е многу кратко време, но веќе направи големи достигнувања. И како што можете да видите, луѓето го препознаа тоа“, изјави Алина Волошинска, жителка на Киев.

„Одлуката за формирање нова влада, нов кабинет на министри воопшто не беше разјаснета. Проблемот е што воопшто немаше комуникација, никој не објасни, тие едноставно го направија тоа. Не заслужувате објаснување. Не ви должиме ништо. Го направивме тоа само затоа што мислевме дека ова ќе биде подобро. Зошто? Врз основа на што?“, изјави Валентин Ларин, жител на Киев.

„Овие луѓе, меѓу другото, го направија Зеленски претседател. Се надевам дека тој повторно ќе ги слушне, ќе извлече заклучоци и ќе ја промени својата одлука“, изјави Олексеј Филипас, жител на Киев.

Овие промени во врховната рада можат да бидат и тест за политичкиот авторитет на зеленски, кој остана на претседателската функција поради војната. Судирот во раководството внесува неизвесност во воените напори, во момент кога Украина се наоѓа во една најполовните позиции на фронтот во последните неколку месеци. Украинските сили во голема мера го запреа темпото на руското напредување откако со беспилотни летала напаѓаат руски нафтени постројки и воени објекти, што предизвика криза со горива во Русија. Во последните напади украинските сили се пофалија дека со дронови успешно погодиле над 150 руски бродови од руската флота во сенка.

 

Маја Стојанова