Кризната состојба за нафта и нафтени деривати продолжена до 21 октомври
Поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати се продолжува рокот за постоење кризна состојба од 21 јули до 21 октомври, одлучи Владата.

Поради скокот на цената на нафтата на светските берзи, Владата одучи да продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 21-ви октомври годинава. Ова, велат од Владата, поради евентуално нарушување на снабдувањето, но и обезбедување континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде и до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати
„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството. Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, велат од Владата.
Пред само два дена премиерот најави дека може да се одлучи да се намалат акцизите за дизелот и безоловниот бензин.
Откако одлуката ќе ги помине владините процедури ќе биде доставена до собранието за решавање согласно со законските надлежности.
Фиљана Кока
