Блиски Исток

Вашингтон и Техеран со нови напади насочени кон инфраструктурни и воени цели

18.07.2026 11:01

Уште една ноќ на Блискиот Исток помина под ракетен оган. САД извршија напади врз ирански цели, Техеран возврати со ракети кон американските сојузници во регионот. Сирени за воздушна опасност се огласија во Кувајт, Јордан, Бахреин, Ирак. Исламската револуционерна гарда тврди дека два танкера наишле на мини во Ормускиот проток, сад велат дека наводите се лажни.

Се интензивира битката околу Ормускиот Теснец. Централната команда на САД соопшти дека таргетира локации за надзор, воена, логистичка инфраструктура, складишта за оружје и поморски капацитети. Вашингтон ги негираше тврдењата на Техеран дека САД вчера нападнале цивилна инфраструктура во Иран, вклучувајќи мостови, железничка станица и аеродром. Сепак, видеоснимки потврдија дека има оштетени мостови и патишта во јужен Иран.

„Нападите се дизајнирани да продолжат со деградирање на иранските воени капацитети по упатство на Врховниот командант“, стои во објавата на Централната команда на САД.

Иран ги таргетираше американските сојузници во регионот. Кувајт, соопшти дека уште една од неговите електрани и водоводни централи била погодена по сличен напад претходниот ден. Бахреин, Јордан и Ирак објавија дека пресретнале ирански ракети и беспилотни летала. Техеран се закани дека ќе почнат сеопфатна офанзива ако американските напади продолжат. Ирански официјални лица нотираат десетици жртви и повредени.

„Доколку нападите на САД продолжат уште два или три дена, ќе влеземе во фаза на целосни офанзивни и деструктивни напади. Што значи тоа? Тоа значи дека Иран повеќе нема да се ограничува само на обична одмазда и ниедна политичка граница нема да биде безбедна од офанзивните сили на Иран“, изјави Генерал Мохсен Резаи • виш советник на врховниот лидер на Иран.

Исламската Револуционерна гарда тврди дека два танкера наишле на мини и експлодирале во Ормускиот проток, во САД велат дека наводите се лажни. Претходно, во одделни напади, беше урната кула во пристаништето „Чабахар“ во Оманскиот Залив, за која американската војска вели дека ја користела Исламската гарда за напади врз бродови. Војната ескалираше една недела откако пропадна кревкиот договор за прекин на огнот постигнат со посредство на Пакистан и Катар.

Маријана Димовска