Штип

Штипска Апелација со нови шест судии, Основниот суд со петмина помалку

18.07.2026 14:46

Со дефицит на судии се соочуваат безмалку сите судови во државата. Штипскиот Основен суд останува без петмина судии откако беа избрани за судии во Апелациониот суд. Времено решение ќе биде делегирање судии од другите судови, трајно решение се очекува од новиот закон за судови и оптимизација на судските капацитети.

Републичкиот судски совет изврши избор на шест судии во Апелациониот суд во Штип. Тројца се од граѓанската област, Маја Џорлева, Александар Цацков и Мери Гичева, од кривичната област се Цона Каламерникова, Јулијана Неткова и Сашко Георгиев.

Едноцифрен број на судии во Штипскиот Основен суд немало со децении. Според систематизацијата 16 е оптималниот број на судии во Основниот и 18 во Апелациониот суд во Штип, каде бројот на судии до пред изборот беше деветмина. И покрај кадровскиот дефицит, штипскиот суд минатата година беше оценет како „ажурен“ со решени околу две илјади предмети. Како ќе се одвива работата на судот со петмина судии помалку во наредниот период.

„Дефицитот на судии е проблем во Основен суд Штип, како и во најголем дел од судовите во државата. За да не дојде до поголем застој во предметите, ќе бидат делегирани судии од другите основни судови. Решение треба да понуди новиот Закон за судови со кој се предлага оптимизација на судската мрежа преку реорганизација на основните судови. Со најавената реформа бројот на основни судови во државата од 27 ќе се намали на 18, односно судовите во Берово, Виница, Кратово, Крушево, Ресен, Радовиш, Свети Николе, Неготино и Дебар би биле судски одделенија, а судиите од нив би биле делегирани во основните судови во регионот“, информираат од Основен суд Штип.

Во Основниот суд во Штип не се само судиите дефицитарен кадар. Недостиг има и на стручни соработници и на судска администрација.

Славица Величковска