Туризам

Охрид во шпицот на туристичката сезона

18.07.2026 19:11

Охрид е во шпицот на туристичката сезона, градот е полн со гости особено за викенди. Туристичките работници велат дека бројноста не значи и подобра заработка. За подобри резултати потребни се нови пазари и посилна промоција.

Охрид го живее шпицот на туристичката сезона. Улиците, плажите и угостителските објекти се исполнети со домашни и странски гости, особено за време на викендите, а најголемата раздвиженост традиционално се очекува во деновите пред и по Илинден.

Туристичките работници велат сезоната засега не ги исполнува очекувањата. Гости има, но нивната куповна моќ е послаба. За да се надминат резултатите од претходните години, потребни се нови пазари.

„Мислам дека пазарот се заситува од една одредена дестинација. Треба да се прават истражувања и да се промовираат Македонија и Охрид и на други пазари, кои се, условно кажано, „свежи“ и ќе донесат нова енергија. Секако, треба да се инвестира и во промоција на земјите од кои туристите доаѓаат тука повеќе години. Но, секоја година треба да се нудат нови програми, нови понуди, за дестинацијата да остане атрактивна“, вели Асим Челик туристички работник.

И покрај ваквите оценки од туристичкиот сектор, податоците од охридскиот аеродром покажуваат значителен раст. Во првите шест месеци годинава регистрирани се 122.638 патници, што е 18,2 проценти повеќе од истиот период лани.

„Јули, со почетокот на фестивалот „Охридско лето“, традиционално носи и зголемен број туристи. Дополнително, она што министерот неуморно го прави за Охридскиот аеродром, како и Владата заедно со тур-операторите, кои носат туристи и во текот на целата година, а не само во туристичката сезона, претставува сериозно, статистички видливо зголемување на бројот на туристи“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Август традиционално е месецот кога Охрид бележи најголем туристички промет. Туристичкиот сектор се надева дека токму главниот дел од сезоната ќе ги исполни очекувањата.

Соња Рилковска