Илјадници Украинци одново на протест во Киев, бараат смена на врховниот командант
Продолжија протестите во Киев и други украински градови против одлуката за владина реконструкција и смена на министерот за одбрана. Гголемата реорганизација на кабинетот на Зеленски наиде на осуда од јавноста. Во исклучително чувствителен политички момент за Украина, престолнината Киев и изминатото деноноќие беше на удар на повеќе од 40 руски балистички ракети и 120 беспилотни летала, има загинати и повредени.

Илјадници граѓани одново излегоа на протест во Киев, со барање украинскиот претседател да го разреши врховниот командант на вооружените сили, Олександр Сирски, по одлуката за смена на министерот за одбрана Михајло Федоров. Големата реорганизација на кабинетот на Зеленски предизвика јавен револт. Федоров, само шест месеци ја извршуваше функцијата министер за одбрана, но голем дел од јавноста смета дека токму тој бил носител на реформите и симбол на модернизацијата на украинската војска со која се подобриле резултатите на фронтот.
„Сакаме да постигнеме промена во одлуката за разрешување на г. Федоров. Тој е нашата надеж. За време на неговиот мандат, видовме многу големи промени. Иновацијата има предност, луѓето не треба да умираат“, вели жителка на Киев.
„Ова е важно затоа што е важно за државата, за нас, за нашата иднина, затоа што ваквите еднострани промени, кадровски преместувања се неприфатливи“, рече украински ветеран
„Секогаш има надеж, мора да има, ние ќе продолжиме да излегуваме. Украинците видоа дека на крајот на краиштата, со Федоров, се појави некаква надеж“, истакна воена волонтерка.
Причината за разрешување на министерот, според Зеленски, е длабокиот судир меѓу Министерството за одбрана и Генералштабот. Односите меѓу 35-годишниот Федоров и 60-годишниот командант на вооружените сили на Украина, генералот Сирски, се нарушиле и ја направиле позицијата на министерот неодржлива.
„Имав долг разговор со Михајло Федоров. Разговарав и со Александар Сирски. Одлуките во врска со армијата ќе бидат донесени. Ви благодарам на сите што се грижат за Украина. Ви благодарам на сите што ги бранат нашите позиции на фронтот и на сите што работат на враќање на војната во Русија – на местото од каде што почна оваа војна“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во исклучително чувствителен политички момент за Украина, престолнината Киев и изминатото деноноќие беше на удар на повеќе од 40 руски балистички ракети и 120 беспилотни летала, има загинати и повредени. Москва објави дека целела на воено-индустриските комплекси и логистичките центри во Киевскиот регион, како и врз инфраструктурните објекти во регионот Одеса. Нападот следува само еден ден откако во украинските удари врз цели во Русија беше пријавен поголем број жртви и повредени.
Маријана Димовска
