Буџетот за 2015-та влезе во собраниска процедура

25.09.2014 17:56

Во државната каса за 2015-та има повеќе од 340 милиони евра, наменети за капитални инвестиции. Треба да повлечат дополнителен ангажман на градежните компании и повисок економски раст...

Пари за автопати, за гасификација, за изградба на слободни зони, за модернизација и рехабилитација на железницата. Во државната каса за 2015-та има повеќе од 340 милиони евра, наменети за капитални инвестиции. Треба да повлечат дополнителен ангажман на градежните компании и повисок економски раст. Уште 310 милиони се обезбедени преку Светска банка и Европската банка за обнова и развој, за изградба на повеќе регионални патни правци низ целата држава.

„Освен овој износ, што е предвиден за реализација на капитални проекти во Буџетот, значаен извор на средства е предвиден и во рамките на програмата која се реализација преку ЈП за патишта, за изградба на автопатите: Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид, изградбата на голем број регионални и  локални патишта. Се работи за програма за изградба на патишта во вредност од неколку стотици милиони евра“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Приходите во предложениот буџет се повисоки за 5, а расходите за околу 4 отсто.  Дефицитот ќе изнесува 3,5 проценти од БДП, што според Ставрески е разумно ниво, имајќи ги во предвид крупните капитални инвестиции. Политиките се скроени за и домашните мали и средни претпријатија да отвораат нови работни места.

„Приходите на консолидираниот Буџет се планирани врз база на задржување на ниското ниво на даночни стапки. Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин даваме директна поддршка на стопанството, на бизнисот, за зајакнување на конкурентноста, за спречување на нелојалната конкуренција, а со цел Македонија да остане атрактивна земја за странските инвеститори“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Ставрески вели дека буџетот е скроен на начин што, од една страна ќе го поддржи економскиот раст, а од друга страна ќе го заштити животниот стандард на населението, преку зголемување на платите, пензиите, социјалната помош. Октомвриската плата, што ќе се исплати во ноември ќе биде зголемена за 4 проценти, а од наредната година за дополнителни пет проценти ќе пораснат  пензиите и социјалната помош.

Растот на БДП е проектиран на 4%, со можност и за нагорна корекција, која ќе зависи од случувањата во европската економија. Инфлацијата ќе остане ниска, на ниво од 2 отсто.

Мартин Пушевски