Гостивар

Во Гостивар прогласена епидемија на заразна болест

19.07.2026 17:23

Прогласена епидемија во Гостивар. Расте бројот на гостиварци со стомачни проблеми. Над 300 нови пациенти побарале лекарска помош, се полнат Инфективно и Педијатрија во Градската болница. Анализите се во тек, водата за пиење и за лична хигиена натаму е забранета. Јавното обвинителство работи на случајот...

Во Гостивар прогласена епидемија на заразна болест. Седумдневното зголемување на бројот на болни со дијареја, повраќање и температура го вклучи алармот.

Фреквенцијата на болни во гостиварската болница не се намалува.

Првиот човек на итната медицинска помош вели дежурните лекари во здравствениот дом од 13 јули наваму имаат неколкукратно поголем број на пациенти.

И покрај забраната за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем граѓаните ја користат.

Според здравствените власти мала е веројатноста труењето да е од храна, сомнеж за причинители на епидемијата во Гостивар се водата, но не се исклучуваат и рота и аденовирусот.

Основното јавно обвинителство од Гостивар утре ги чека анализите од водата од водоводниот систем коишто се работата Институтот за јавно здравје. По добиените резултати ќе се преземат соодветни постапки.

Наташа Јанчиќ Менковски