Намалена плодност на почвите
Намалено присуство на органска материја и органски јаглерод во почвата на обработливите земјоделски површини-покажаа резултатите од истражувањата на 47 почвени примероци од 33 земјоделски површини ширум земјава.

Органската материја и органскиот јаглерод се основни индикатори за здравјето на почвата кои влијаат на плодноста, водениот режим, микробиолошката активност и долгорочната продуктивност на земјоделските површини. Преку проектот „Карбоника“ направени се анализи на 47 почвени примероци, од 33 земјоделски површини.
Резултатите од истражувањата на овој проект покажуваат намалено присуство на органска материја во почвата во споредба со минатото, а сè тоа тоа се должи на намалениот сточен фонд.
Кај дел од парцелите постои добар потенцијал за складирање на јаглерод, додека кај други се неопходни мерки како органско ѓубрење, минимална обработка на почвата и одржување на растителни остатоци, со цел постепено да се подобри нивната плодност и отпорност – вели професорот Маркоски од земјоделскиот факултет.
Ова истражување е значаен чекор кон воведување, современи, научно засновани практики во македонското земјоделство. Овие податоци се клучни за унапредување на одржливо земјоделско производство. Со нив земјоделците ќе знаат какви мерки за адаптација и ублажување на климатските промени треба да преземат.
Препораките во извештајот се насочени кон постепено подобрување на плодноста и отпорноста на почвите преку прилагодени агротехнички практики.
Александра Максимовска
