САД остануваат отворени за дипломатско решение
И ноќва продолжија нападите во Персискиот залив. САД таргетираа цели во Иран, Техеран возврати со удари врз сојузниците на Вашингтон во регионот. Државниот секретар Рубио дециден, остануваат отворени за дипломатско решение и покрај тековните воени дејствија. Ескалацијата на Блискиот Исток одново го раздвижи светските пазари и ги зголеми стравувањата од глобална енергетска криза.

Ормускиот теснец треба да биде отворен, без патарини, без напади, велат во САД. Вашингтон останува отворен за дипломатско решение со Иран и покрај тековните воени дејствија. Секретарот Рубио ја обвини Исламската Република дека не ги исполнува обврските за безбедна пловидба за сите бродови низ Ормускиот теснец, согласно Меморандумот за разбирање. Прелиминарното примирје пропадна за помалку од еден месец од неговото потпишување.
„Единствената причина зошто САД извршија напади се против средствата на Иран кои се користат за напад врз глобалниот комерцијален превоз. Ормускиот теснец е меѓународен воден пат и тие продолжуваат да лансираат ракети против бродови. Другите земји треба да ни се придружат во овој напор. Соединетите Американски Држави се вклучени не само во заштитата на тие бродови, туку и во таргетирањето на местата што ги користат за лансирање на ракети и беспилотни летала“, изјави американскиот државен секретар, Марко Руби.
Централната команда на САД соопшти дека извршиле нова рунда воздушни напади насочени кон Иран, откако објавија за смртта на уште еден американски војник. Техеран одговори со напад кон Бахреин, домот на Петтата флота на американската морнарица. Кувајт објави дека воздушната одбрана работи на пресретнување на дојдовен ирански оган. Брод се запали во Ормускиот теснец во близина на крајбрежјето на Оман, соопшти британската војска …
„Централниот штаб на Кхатам ал-Анбија го предупредува лажниот американски непријател: Вооружените сили на Иран ќе дадат разорен одговор на секој чин на бруталност“, соопшти Али Абдолахи Алиабади, командант на војската на Иран.
Двете страни се обвинуваат за напади врз критична инфраструктура. Ескалацијата на Блискиот Исток одново ги раздвижи светските пазари и ги зголеми стравувањата од глобална енергетска криза.
Маријана Димовска
