Нови напади во Персискиот залив, САД уверуваат дека се отворени за преговори со Иран и покрај воената состојба
Продолжија нападите во Персискиот залив. САД таргетираа цели во Иран по смртта на тројца американски војници за три дена.Техеран возврати со удари врз сојузниците на Вашингтон во регионот. Државниот секретар Рубио дециден, остануваат отворени за дипломатско решение и покрај тековните воени дејствија. Ескалацијата на Блискиот Исток одново ги зголеми стравувањата од глобална енергетска криза...

Вашингтон останува отворен за дипломатско решение со Иран и покрај тековните воени дејствија. Секретарот Рубио ја обвини Исламската Република дека не ги исполнува обврските за безбедна пловидба во Ормускиот теснец, согласно Меморандумот за разбирање. Според него, протокот треба да биде отворен, без патарини и без напади. САД таргетираа цели во Иран по смртта на тројца американски војници за три дена. Техеран возврати со ракети кон Кувајт и кон Бахреин, домот на Петтата флота на американската морнарица.
„Единствената причина зошто САД извршија напади се против средствата на Иран кои се користат за напад врз глобалниот комерцијален превоз. Ормускиот теснец е меѓународен воден пат и тие продолжуваат да лансираат ракети против бродови. Другите земји треба да ни се придружат во овој напор. Соединетите Американски Држави се вклучени не само во заштитата на тие бродови, туку и во таргетирањето на местата што ги користат за лансирање на ракети и беспилотни летала“, изјави Марко Руби, државен секретар на САД.
Од Исламската Република велат дека единствено САД се одговорни за какво било проширување на конфликтот. Иранското МНР бара соседните земји да ги спречат силите на САД да ја користат нивната територија или објекти за извршување напади во согласност со обврските според меѓународното право и принципот на добрососедство.
„Секое проширување на конфликтот би било исклучиво одговорност на Соединетите Американски Држави. Постојано нагласуваме дека немаме непријателство или омраза кон која било земја во регионот“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.
Прелиминарното примирје меѓу САД и Иран пропадна за помалку од еден месец од неговото потпишување. Војната продолжи, двете страни се обвинуваат за напади врз критична инфраструктура. Ескалацијата на Блискиот Исток ги зголеми стравувањата од глобална енергетска криза.
Маријана Димовска
