Буџет за 2015

340 милиони евра ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе ја раздвижат економијата

25.09.2014 19:21

340 милиони евра за капитални инвестиции e значајна сума што треба да ја подобри инфраструктурата, но и да ја раздвижи целокупната економија- велат дел од економските новинари, кои долги години ги следат буџетските процеси...

Новинарката Зденка Павковиќ вели дека вакви крупни инфраструктурни проекти досега немало. Смета дека планираната изградба на нови патишта, но и гасификацијата на Македонија ќе значат подобар стандард на граѓаните, помали трошоци за компаниите и шанса за привлекување на нови инвеститори.

„Од годинава, па следните неколку години се почнува еден голем период на инвестиции во инфраструктурата и тоа во големи капитални проекти. Бидејќи и претходните години се издвојувале средства за капитални објекти, меѓутоа многу повеќе за здравството, образованието, за спорт“, вели Зденка Павковиќ, новинар во Дневник.

Буџетските проекции ќе имаат позитивен сигнал во економијата вели новинарката Елизабета Демировска од Македонското радио. Таа вели дека вака скроен буџетот има голема развојна компонента.

„Пред се е поддршка на стопанството преку капитални инвестиции, особено што се значајни за изградба на инфраструктурни проекти во патишта и железници. Тоа ќе ги намали трошоците на инвеститорите, што е добро, ќе се раздвижи градежништвото, што и досега беше еден од основните движечки сили“, вели Елизабета Демировска од Македонско радио.

Значајни средства за капитални инвестиции биле издвојувани и во претходните години. Лани во буџетот биле наменети 270 милиони евра, во 2012 та- 347 милиони евра, а приближно толку 323 милиони евра и во 2008 та година.

Дијана Ценевска