Резултатите од анализите на водата во Гостивар веќе се во Обвинителството
Резултатите од анализите на водата во Гостивар се веќе во Обвинителството, но јавноста сè уште не знае што покажуваат. Додека предистрагата е тајна, бројот на заболени надмина 3.100, водата останува забранета за употреба, а властите ветуваат дека ќе има одговорност…

Резултатите од примероците во водата земени од градскиот водовод во Гостивар се готови и доставени во Јавното обвинителство. Предистрагата е тајна. Се собираат докази што треба да ги потврдат сомнежите дека водата била контаминирана со фекалии.
„Испитувањата се направени на барање на Обвинителството и кога тоа ќе даде согласност јавно да се каже, ќе ги соопштиме резултатите. Претпоставувам дека една од мерките ќе биде вонредно хлорирање на водата, повторно земање за анализи на вода и кога ќе се потврдат две последователни негативни анализи на водата таа ќе биде дозволена за употреба“, изјави министер за здравство, Сашо Клековски.
Ако во водата има присуство на фекалии и таа се консумира, можно е да јават стомачни мачнини, дијареја и повраќање – вели директорката на Институт за јавно здравје.
„Да, со присуството доколку би биле утврдени, може да се јават вакви стомачни проблеми како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар. А тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може и тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација, односно компликација и да доведат до дехидратација“, изјави Марија Андоновска – директорка на Институт за јавно здравје.
Бројот на заболени достигна 3.100 граѓани, иако има благ пад на новопријавените случаи. Четворица, меѓу кои и дете се хоспитализирани. Надлежните тврдат, уште пред да биде прогласена епидемија се преземени сите мерки. Зголемен е опфатот на пациенти со епидемиолошки анкети, направени се околу 80, за да може да се утврди поврзаноста на сите случаи – бидејќи освен од Гостивар има пациенти и од околните населени места кои користеле друг водовод.
Водата во Гостивар е забранета за употреба – Владата дневно ќе доставува околу 50 илјади литри на неколку пунктови во градот. Велат – мора да има одговорност за труењето на граѓаните.
„Во текот на денот ќе бидат доставени три шлепери и ќе има 76 тони вода значи 76 илјади литри и да не се исклучува можноста доколку има потреба ќе се обезбедат и цистерни. Населението да не биде загрижено“, информираше Ивица Томовски – СОЗР.
Очекуваме целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности кои довеле до оваа состојба. Било каква одговорност која ќе се утврди, институционална, службена или индивидуална таа ќе биде соодветно санкционирана. Нема да има селективност, ниту компромис кога станува збор за здравјето на граѓаните“, истакна Марија Митева – портпарол на Влада.
Армијата е на готовс. Министерот за одбрана вели дека доколку Гостивар побара, војската ќе се вклучи веднаш.
„Ако треба помош ние сме тука. Армијата е секогаш тука за народот за се што треба ќе помогнеме, на било кој начин. Се разбира треба да ја побараат таа помош. Еве еден апел, секогаш армијата ќе биде достапна за секој граѓанин‘, рече Владо Мисајловски – министер за одбрана.
Во Гостивар е прогласена епидемија – откако за една недела повеќе од 3.000 граѓани побараа лекарска помош со симптоми на труење.
Андријана Ѓурческа
