Скалони најави можно заминување, Де ла Фуенте горд на својата генерација, Инфантино: СП 2026 ги сруши сите рекорди
По завршувањето на Светското првенство 2026, селекторот на Аргентина Лионел Скалони најави можно заминување од функцијата, шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте го прослави освојувањето на титулата, а претседателот на ФИФА Џани Инфантино оцени дека турнирот ги срушил сите рекорди.

По завршувањето на Светското првенство 2026, следуваа бројни реакции од актерите на турнирот. Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, најави дека постои можност да ја напушти функцијата по истекот на договорот во декември, додека шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте не го криеше задоволството по освојувањето на светската титула. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пак, оцени дека Мундијалот во САД, Канада и Мексико бил најуспешниот во историјата.
„Сонот на секој тренер е да биде на оваа позиција. До самиот крај го дадовме максимумот, и стручниот штаб и играчите. Мислам дека имам право да одвојам малку време за размислување“, изјави Скалони, кој ја води аргентинската репрезентација од 2018 година. Во неговиот мандат Аргентина ја освои светската титула во 2022 година и двапати триумфираше на Копа Америка.
По големиот успех, селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, истакна дека оваа генерација фудбалери ќе остане запаметена како една од најдобрите во историјата на шпанскиот фудбал.
„Многу сум горд на оваа генерација. Овие фудбалери се пример за шпанскиот спорт, за младите и за цела Шпанија. Заедно сме посилни и тоа никогаш нема да го заборавиме“, порача Де ла Фуенте.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, нагласи дека Светското првенство 2026 поставило нови рекорди по посетеност и гледаност.
„Ова Светско првенство не само што ги собори рекордите, туку целосно ги надмина. На стадионите имаше речиси седум милиони гледачи, а повеќе од шест милијарди луѓе ширум светот го следеа турнирот“, изјави Инфантино.
На Светското првенство беа постигнати повеќе од 300 голови, со просек од речиси три по натпревар. Новиот светски шампион Шпанија доби награда од 51 милион долари, додека вицешампионот Аргентина инкасираше 34 милиони долари.
