Продолжија нападите во заливските земји
Сирени се активираа во Аман. Јорданските вооружени сили соопштија дека пресретнале и собориле три ирански ракети. На удар повторно Кувајт и Бахреин, дом на Петтата флота на американската морнарица...

Соединетите Американски Држави со нови воздушни напади кон Иран, откако Техеран нападна танкер во Ормускиот теснец, принудувајќи го екипажот да го напушти бродот. Сирени се активираа во Аман. Јорданските вооружени сили соопштија дека пресретнале и собориле три ирански ракети. На удар повторно Кувајт и Бахреин, дом на Петтата флота на американската морнарица. И додека САД и Исламската Република се приближуваат кон тотална војна, на дипломатскиот фронт се појавија зраци надеж. Иранскиот министер за внатрешни работи отпатува во Пакистан на разговори со клучниот посредник во конфликтот.
„Според моја проценка, претседателот Трамп и Пентагон имаат две опции за постигнување решение во однос на Иран. Првата е, значително ескалирање на воената операција што би вовела десетици илјади, веројатно, американски сили за да можат да задржат или да заземат доволен терен во Иран за да го одржат Ормускиот Теснец отворен и безбеден. Ризиците поврзани со тоа се огромни. Од друга страна, зборуваме за траен дипломатски договор, кој на крајот најверојатно ќе изгледа полошо од договорот постигнат од администрацијата на Обама пред една деценија. Малку е веројатно дека ќе биде опфатена програмата за балистички ракети, а можеби дури и нема да ја допре нуклеарната програма на Иран во овој момент, со оглед на фокусот на Ормускиот Теснец“, изјави Џејсон Кембел, виш соработник на Институт за Блискиот Исток.
Привремениот договор потпишан минатиот месец, кој требаше да ги прекине борбите, пропадна. Превозот низ Ормускиот теснец, витален пат за снабдување со енергија во светот, во голема мера е во застој.
