Блиски Исток

САД започнаа нов бран напади врз Иран

21.07.2026 12:10

Нападите во персискиот залив се интензивираат. Вашингтон таргетираше цели во Иран, Исламската Република возврати со напади кон американските сојузници во регионот. Стејт департментот упати предупредување до Американците на Блискиот Исток. Откако Техеран објави дека сè уште се разменуваат пораки преку дипломатски канали, експерти оценуваат дека е важно е да се најде начин за деескалација, во момент кога ниту една од страните навистина не ги прецизира стратешките цели што сака да ги постигне преку последниот бран на насилство.

Соединетите Американски Држави извршија уште еден ракетен бараж врз Иран со цел да ги деградираат капацитетите за напади врз бродови во Ормускиот теснец. Како одговор, Техеран соопшти дека погодил два танкера за нафта во водниот пат, како и американски воени средства во Бахреин и Кувајт. Стејт Департментот им советуваше на Американците на Блискиот Исток да се подготват за можни затворања на воздушниот простор. Упатен повик за претпазливост поради можни таргетирања на американските интереси во странство од страна на групи поддржани од Иран.

„Дипломатските објекти на САД, вклучително и надвор од Блискиот Исток, беа цел на напади. Иран и групите што го поддржуваат Иран може да ги таргетираат другите американски интереси во странство или на локации поврзани со САД и Американците низ целиот свет“, соопшти американскиот Стејт Департмент.

На дипломатскиот фронт се појавија зраци надеж, пораки сè уште се разменуваат од двете страни преку посредници, и покрај пропаѓањето на примирјето. Иранскиот министер за внатрешни работи на средби во Пакистан со клучниот посредник во конфликтот.

„Предлозите ни беа доставени од медијаторите. Ги примивме, но не навлегувам во нивните детали. Главната поента е дека дипломатскиот апарат беше активен и дека идеите од некои медијатори стигнаа до нас“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.

Според експерти, важно е да се најде начин за деескалација, во момент кога ниту една од страните навистина не ги прецизира стратешките цели за тоа што се надева да постигне преку овој последен бран на насилство.

„Според моја проценка, претседателот Трамп и Пентагон имаат две опции за постигнување решение во однос на Иран. Првата е, значително ескалирање на воената операција што би вовела десетици илјади, веројатно, американски сили за да можат да задржат или да заземат доволен терен во Иран за да го одржат Ормускиот Теснец отворен и безбеден. Ризиците поврзани со тоа се огромни. Од друга страна, зборуваме за траен дипломатски договор, кој на крајот најверојатно ќе изгледа полошо од договорот постигнат од администрацијата на Обама пред една деценија. Малку е веројатно дека ќе биде опфатена програмата за балистички ракети, а можеби дури и нема да ја допре нуклеарната програма на Иран во овој момент, со оглед на фокусот на Ормускиот Теснец“, изјави Џејсон Кембел, виш соработник на Институт за Блискиот Исток.

На Филипините, во рамки на состанокот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија, дипломати повикаа на целосно отворање на Ормускиот теснец. 680 милиони луѓе од југоисточна Азија, во голема мера се потпираат на нафтата и гасот од Блискиот Исток. Филипините прогласија национална енергетска вонредна состојба во март, еден месец по почетокот на американско – израелските напади во Иран.

Маријана Димовска