Попоски: САД се партнери и едни од најсилните поддржувачи на Македонија

26.09.2014 10:10

На средбата на шефот на дипломатијата Никола Попоски со американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и евроазиски прашања Викторија Нуланд, САД потврдиле дека се партнери и едни од најсилните поддржувачи на Република Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Словачка, Полска, Латвија ветиле поддршка на евроатланските интеграции на Македонија на средбите со шефот на државата Ѓорге Иванов. Македонија му упати покана на шпанскиот крал Фелипе Шестти да ја посети Македонија...

Америка е заинтересирана на Балканот да има подобра соработка во борбата против тероризмот. На оваа тема било разговарано на средбата помеѓу шефот на дипломатијата Никола Попоски и американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и евроазиски прашања Викторија Нуланд.

„Америка е заинтересирана на Балканот да имаме подобра соработка во борба и спречување на борци коишто одат од Балканот да учествуваат на страна на Исламската држава во Сирија и во Ирак. Оваа соработка подразбира и размена на информации, подразбира и политичка поддршка, подразбира и работа со исламските лидери во целиот регион“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Попоски бил информиран дека Соединетите Американски Држави ги признаваат уставното име и идентитет на Македонија.

„Во делот на билатералните односи, имавме можност да потврдиме дека Соединетите Американски Држави се партнери и едни од најсилните поддржувачи на Република Македонија. Остануваат посветени за поддршката за членство и во НАТО и во Европската Унија, и во оваа насока ќе продолжат со нивната поддршка“, нагласи Попоски.

Ситуацијата на Блискиот Исток била тема на првата средба на Претседателот Иванов со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси. Шефот на државата ја прифатил поканата да го посети Египет.

Изборот на полскиот премиер Доналд Туск за Претседавач со Европскиот Совет е добра вест за Македонија. Туск ветил поддршка за преговорите на Македонија со ЕУ. Иванов се сретна и со колегите од Полска, Латвија и Словачка, Бронислав Коморовски, Андрис Берзин и Андреј Киска, коишто ветиле поддршка на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ.

Иванов на средбата со шпанскиот крал Фелипе Шестти му упатил покана да ја посети Македонија. На средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе, Иванов побарал Јапонија да отвори амбасада во Македонија, за да се унапредат односите и на економски план.

 

Ирина Гелевска