Протестите во Украина не запираат, се бараат промени во воениот врв
Политичка криза и незадоволство во Украина. Претседателот Зеленски е под нов притисок, откако разрешениот министер за одбрана Федоров, одби да се врати во владата. Илјадници граѓани протестираат петти ден по ред, барајќи промени во воениот врв. Додека Генералштабот ги демантира шпекулациите за оставка на командантот Сирски, на фронтот продолжуваат жестоките меѓусебни напади со нови жртви и разурнувања на двете страни.

Украинскиот претседател Зеленски ce соочува со продлабочување на кризата за военото лидерство, откако популарниот поранешен министер за одбрана, Михајло Федоров, кого го разреши изминатата недела, ја отфрли понудата да се врати во владата. Стотици демонстранти петти ден по ред излегоа на улиците во поголемите градови против владината реконструкција. Бараат враќање на Федоров и отстранување на врховниот воен командант на Украина. Генералштабот на армијата ги негираше медиумските извештаи дека началникот Сирски си поднел оставка.
„Дојдов да го изразам моето негодување поради најновите одлуки за разрешувањето на министерот Федоров. За мене, ова е повеќе од само смена на министерот за одбрана. Повеќе станува збор за одреден културен избор, каде што наместо иновации, дигитализација и јасни одлуки засновани на податоци, се враќаме во минатото“, истакна жител на Лавов.
„Не сум задоволна од начинот на кој се одвиваат процесите во нашата армија сега. И разбирам дека под командата што е моментално во сила, промените се невозможни бидејќи се блокирани“, вели жителка на Лавов.
„Државата мора да ги слуша луѓето и мора да го земе предвид мислењето на општеството. Нивна должност е да ја спроведат нашата волја. А фактот дека сега одат на одмор, кога треба да ги извршуваат своите должности, особено во време на војна, ова не може да се дозволи“, жителка на Ужгород.
На фронтот-продолжуваат масовните заемни напади, има и жртви. На удар со беспилотни летала, ракети и авиони, московскиот и Белгородскиот регион. Киев вели дека биле таргетирани Одеса, Запорожје и Павлоград.
Катерина Бојаџиева
