Намалената акциза на горивата добар чекор за ублажување на ценовниот притисок
Цените на нафтените деривати од ноќеска на полноќ се зголемени, бензинот за три, дизелот за шест денари. Намалената акциза на горивата добар чекор за ублажување на ценовниот притисок, велат економисти за МТВ...

Намалената акциза на горивата добар чекор за ублажување на ценовниот притисок, велат економисти за МТВ. Според професорот Антон Чаушевски, ако Владата не интервенирала навреме, поскапувањето би било уште поголемо. Акцизата за бензините е намалена за еден денар по литар, а за дизелот за два, со цел да се ублажи ударот од растот на цените на светските пазари.
На бензинските горивото се точи за некој денар повеќе. Дизелот е поскап за 6 денари, а бензините за 3. Во пресметката е вградена и владината одлука за намалување на акцизите.
Од РКЕ потсетуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и мало можат да продаваат гориво и по пониски цени. И токму трговците се тие кои периодов од ракав ставаа цени, на што Владата експресно реагираше.
Инаку, ова е вторпат да се активираат владините антикризни мерки преку намалување на акцизата. Претходно, во април, цената на дизелот беше намалена за дополнителни 2, односно 4 денари, а на бензините за дополнителни 1, односно 2 денари за литар.
Мерките од државната каса однесоа околу 24 милиони евра, со намалено ДДВ од 18% на 10%.
Во меѓувреме, цената на нафтата стаса близу до 88 долари.
Борис Грујоски
