Обвинителство

Притвор за тројца осомничени за загадената вода во Гостивар

21.07.2026 18:06

Прифатено е барањето на Обвинителството и одредена е мерка 30-дневен притвор за тројца раководители од гостиварски „Комуналец“. Во меѓувреме активни се и политичките партии кои и во овој случај продолжуваат со меѓусебни критики.

Триесетдневен притвор за раководството во гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ – одреди судот поради епидемијата во градот. Директорката и двајца раководители се обвинети дека сториле тешки дела против животната средина и природата. Не се исклучува можноста истрагата да се прошири, обвинителството проверува дали има докази и за други инволвирани лица.

Водата од чешмите е неупотреблива, а топлото време дополнително го отежнува нормалното функционирање на гостиварци. Едни купуваат вода, други земаат од пунктовите или полнат од околните села.

Бројот на затруени се намалува, но сè уште има граѓани кои со стомачни мачнини бараат лекарска помош.

Изненадени од резултатите на водата во која се детектирани фекални бактерии, граѓаните очекуваат одговорност.

Случувањата во Гостивар предмет на партиски препукувања. Лидерот на СДСМ праша зошто не се презеле конкретни мерки и зошто водата не се испитувала секојдневно.

ВМРО – ДПМНЕ, пак вели, Филипче нема кредибилитет да бара одговорност за Гостивар.

Во Гостивар е прогласена кризна состојба. Водата во градот воопшто не се користи, изминатава недела повеќе од 3300 граѓани побараа лекарска помош со стомачни мачнини.

Андријана Ѓурческа