МВР: Над 180 паднати дрвја, 117 оштетени возила и 10 повредени лица по невремето
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници, заедно со останатите надлежни институции, постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, преземајќи мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните и за нормализирање на сообраќајот...

Силното невреме што го зафати поголемиот дел од државата предизвика големи материјални штети, најмногу на подрачјето на Скопје, каде што се регистрирани стотици интервенции поради паднати дрвја, оштетени возила и кровови.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници, заедно со останатите надлежни институции, постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, преземајќи мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните и за нормализирање на сообраќајот.
Според податоците на МВР, до 22:00 часот на подрачјето на СВР Скопје се евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени кровови, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.
Невремето предизвикало штети и на повеќе јавни објекти, меѓу кои објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база „Петровец“, зградата на „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Материјални штети се регистрирани и во други делови од државата. На подрачјето на СВР Куманово се пријавени девет оштетени возила и три оштетени кровови, додека во Тетово се евидентирани пет настани – три оштетувања на возила и две оштетувања на кровни конструкции.
Во Гостивар нема пријавени материјални штети ниту повредени лица. Во Велес се регистрирани две оштетувања на возила од паднати дрвја, а во Струмица има паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на електричната енергија во селото Свидовица.
Во Штип, пак, се пријавени 14 оштетени патнички возила и шест оштетени кровни конструкции.
Од МВР соопштуваат дека на Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“ било регистрирано протекување на кровната конструкција, поради што околу час и половина бил прекинат излезот од државата.
Штети се пријавени и во Транзитниот центар Табановце, каде што се оштетени дел од привремените објекти за сместување мигранти, а регистрирани се и паднати дрвја, но без поголема материјална штета.
Надлежните институции продолжуваат со расчистување на теренот и апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и објекти и да ги следат препораките на службите.
