Невремето остави пустош во Скопје: 15 лица завршија во болница, над 8.300 повици на 112 за четири часа
Силното невреме што го погоди Скопје остави зад себе повредени граѓани, значителни материјални штети и илјадници повици за помош. Според официјалните информации, 15 лица побарале лекарска помош, додека на Единствениот број за итни случаи 112 за само четири часа биле регистрирани повеќе од 8.300 повици.

Силното невреме што го погоди Скопје остави зад себе повредени граѓани, значителни материјални штети и илјадници повици за помош. Според официјалните информации, 15 лица побарале лекарска помош, додека на Единствениот број за итни случаи 112 за само четири часа биле регистрирани повеќе од 8.300 повици.
На Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ биле згрижени девет пациенти. Директорот на клиниката, проф. д-р Игор Мерџаноски, информира дека две лица се здобиле со потешки повреди. Една пациентка со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга има скршеница на раката. Останатите повредени се со полесни повреди и се под лекарски надзор.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле примени уште шест лица со посекотини и набиеници. Директорот на болницата, д-р Небојша Настов, изјави дека тројца пациенти по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување, додека тројца остануваат на дополнителни испитувања.
„Сите се во стабилна состојба и засега не се очекува потреба од хоспитализација. Еден пациент е повреден од паднато дрво, друг од лим откорнат од покрив, а трет од паднати керамиди“, изјави Настов.
Иако во Градската општа болница „8 Септември“ не биле примени повредени од невремето, болницата претрпела значителна материјална штета. Според директорот д-р Синиша Стојаноски, најголеми оштетувања има на покривот и покривната конструкција, а точната проценка ќе биде направена по извршениот увид.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека во периодот од 17:00 до 21:00 часот на бројот 112 биле примени повеќе од 8.300 повици. Поради огромниот број пријави, уште во првиот час биле активирани дополнителни операторски смени.
