Енергетска ефикасност: Прилепчани ќе штедат на топлинска енергија
Прилеп активно се вклучува во проектот на УСАИД и Хабитат за енергетска ефикасност во колективното домување. Целта е станарите да заштедат и до 30 насто од топлинската енергија што е голема инвестиција во овие скапи времиња на живеење...

36 семејства во две колективни згради во Прилеп комплетно ја промениле дограмата на становите. Со ова градот е вклучен во проектот на УСАИД и Хабитат за заштеда на топлинската енергија во колективното домување. Сега се во тек и пообемни зафати за реконструкција на уште една зграда за 20 семејства.
„Ќе се направи комплетна реконструкција на зградата, која опфаќа комплетна промена на прозорските стакла, стакларниците на скалишниот простор, промена на фасадата и промена на покривот“, вели Љилјана Алчева, заменик директор на програмата Хабитат.
Најбитно во овие скапи времиња е да се заштеди топлинската енергија и да се зачува семејниот буџет.
„Заштедите на топлинска енергија се и до 30 насто. Тоа е докажано со енергетските контроли кои претходно се направени во зградите каде е направена енергетска ефикасност“, објаснува Алчева.
Ова е своевидна инвестиција на граѓаните. Средствата се од проектот , како поволна позајмица за станарите, а ќе ја враќаат од 3 до 10 години. За социјално загрозените, општината ќе покрие и до 50 насто од трошоците.
„Многу значи за градот Прилеп, бидејќи поголем процент од зградите, односно колективниот станбен простор е граден пред повеќе децении и веќе не ги задоволуваат оние основни критериуми за енергетска ефикасност“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Проектот за енергетска ефикасност во колективното домување се спроведува во неколку македонски градови.
Елизабета Митреска
